За Либертаријанизмот - Астрологија за мажи


Следново е мој одговор на фејсбук коментар, кој никогаш не го испратив. Го напишав, но се сетив од моите искуства како аматер-астроном дека не вреди да се караш со астролог.

За Либертаријанизмот

Што е либертаријанизмот? Накратко, либертаријанизмот е плод на површноста - кога ќе слушниш дека нешто има позитивни дејствија, и го прифатиш како догматичен бог - дека сѐ за него е позитивно и дека нема несакани ефекти. Кај либертаријанизмот е ова идејата за селекција, поточно за природна селекција, која либертаријанците ја гледаат како решение на секој проблем.

Либертаријанизмот тргнува од едноставен принцип - натпревар помеѓу единки и здружени единки, како начин на достигнување сѐ подобро и подобро створение. Идејата е „погледнете ја природата што сѐ има постигнато со нејзиниот единствен принцип на природна селекција, колку комплексни и моќни суштестсва има создадено“ - ете и ние така ќе створиме напредни општества.

За жал, тука завршуваат приказните кои либертаријанците ги продаваат, затоа што не ја кажуваат целата ситуација. Не затоа што не сакаат, туку затоа што не знаат; нивната површност ги запира.


Прво - природната селекција, а и која било селекција, е смртоносна. За една единка да се унапреди, да достигне повисоко ниво на развој, мора други да умрат - така ја искажува својата надмоќ над другите. Ова станува сериозен проблем кога ќе го примениш врз човечките односи. Како што самиот спомна1, административците, професорите и не знам кој сѐ друг, не биле под притисок да се борат за успех. Ќе ја прескокнам апсурдноста на тврдењето и ќе претпоставам дека треба да се борат. Да. Ајде да претпоставиме дека ќе се борат. Не треба ли некој да изгуби? Да, ќе изгуби. И што со тој човек? Што ќе му се случи сега? Ќе ја изгуби својата работа, а ако не успее да најде друга, ќе умре од глад... Тука е прашањето: која е моралноста на применетата „природна селекција“ на работното место? Ја нема. Тука најчесто има две „либертаријански“ решенија: 
  1. Се става долна граница на применувањето на методот на селекција. Класичниот либерализам, кој е гранка на либертаријанизмот, се согласува со ова. Вели, да не ја спуштаме границата до индивидуални човечки односи, туку нека биде ограничена на ниво на бизниси. Прифаќаме дека бизнисите умираат, па за да не страдаат луѓе, ќе формираме социјални мрежи - најчесто државни институции кои ќе обезбедат социјална помош за оние кои го изгубиле своето работно место. Вака му даваме морал на пазарната економија и се спасуваме од бруталноста на принципот на селекција.
  2. Другото решение е поостро - се прифаќа тоа дека морал не постои - ако умре, умре. Јебига. Таква е природата. Ова лично за мене е неприфатливо - секој од нас е човек и секој има право на достоен живот. За мене не вреди ниту еден систем кој се коцка со животот на човек.


Друго - што се случува кога некој ќе победи? Епа, доаѓа до една појава за која си слушнал - монопол. Значи, состојба во која нема натпревар заради отсуство на единки кои би се натпреварувале меѓу себе. Значи, ако добро разбирам, целта на слободниот маркет и натпреварувањето е самоуништување? Да создаде ситуација во која нема да постои? Зарем не е тоа контрадикција?
Аха. Океј. Епа тогаш, ајде да направиме некоја институција, некој пазарен инспекторат, кој ќе постави правила против монополизација. Значи повторно, решението на проблемот е спречување на натпреварувањето? А што правиме со картелизмот, каде што единките си се договараат да не се натпреваруваат меѓу себе, туку да си направат една форма на групен монопол, позиција каде што ќе се ослободат од синџирите на слободниот маркет и вечното натпреварување?. Аха. Значи пак принципот на селекција нѐ носи во ситуација каде што сам себе се уништува? Хмм. Каде е совршеноста на принцип, кој има за цел да се уништи себе?

Трето - каде е решението на слободниот пазар на актуелнава коронакриза? Толку ли е тешко да се согледа неспособноста на слободниот маркет да се справи со кризата? Потешкотиите кои ги има се бројни: пропаст на производниот сектор (особено на оној кој произведува медицинска опрема); комплетната неподготвеност на приватниот здравствен сектор за справување со вакви кризи, иако пандемиите се добро проучени и доволно чести појави за некој да скрои план да се соочи со нив; масивното отпуштање на работници за сопствениците да се спасат себе, што го прават без око да им трепне; Нели е пазарната економија решението на сѐ? Или тоа го повторуваат само кога им оди добро, а кога се во тесно ја бараат да цицаат од државните гради, кои инаку ги вреѓаат и сметаат за паразитизам?

Но, овие пропусти на пазарната економија не ме чудат. Знаеш ли што ме чуди? Либертаријанската невозможност да се согледа противречноста на основното тврдење, дека работниците не би работеле, дека би биле мрзи и паразити, ако нема натпреварување. Навистина ли? Зарем здравствените работници сега работат, поинтензивно од кога било, под притисокот на слободниот пазар? Или можеби заради тоа се грижат за другите? Зошто не направат како газдите - да си земат државни пари и да си седат дома? Можеби затоа што паразитите не се тие што мислиш дека се? Кој е сега тој што охрабрува паразитизам? Државните работници, кои либертаријанците не можат да ги смислат, или сопствениците на бизниси, на кои либертаријанците им лижат чевли?

Текстот е напишан чисто за нелибертаријанци - либертаријанците и онака не можат да го разберат. Нивната површност не им овозможува да навлезат подлабоко во работите, каде што би можеле да ги откријат противречностите. Си седат на површината, каде што им а удобно. Гледаат само во она што ги интересира. Како да читаат хороскоп. Ете затоа сметам дека либертаријанизмот е астрологија за мажи.

1 - Либертаријанецот тврдеше дека државните работници се паразити - заради отсуството на притисок од пазарот, немале зошто да работат. И затоа си седеле и си уживале „на трудот на другите“.

 

Comments

Popular posts from this blog

Немате Избор