Немате Избор

Немате избор


Се сеќавам на еден блед спомен од детството, кога бев малечок, бев гладен и ја чекав мајка ми да ми направи нешто за јадење. Мајка, како мајка, тоа и го направи. Ме викна во кујната и ме праша:

-Сакаш марула или брокула?

Се намуртив. И марулата и брокулата не ми се допаѓаа. Како да немаа вкус. Но, тоа беше она што ми го понуди мајка ми, и не гледав друг избор. Морав да го изберам повкусното невкусно. 

-Марула.


15. Јули 2020

Да дојди странец денес во Македонија, ќе се вчудоневиди. Секаде се санираат улици, се поправаат кровови, фасади; се засадуваат цвеќиња, пребојадисуваат пешачки премини, и што не друго. Замисли! Држава каде што власта се грижи за својата држава. Се разбира, странецот би имал среќа што дошол пред 15. Јули, затоа што подоцна приказната би била различна. Но, што ако би дошол на 15. Јули?

Би видел како милион и нешто народ избира меѓу марула и брокула.

Зарем не е тоа нашата животна приказна? Цел наш живот присилени да избираме помеѓу марули и брокули? Помеѓу две невкусни? Помеѓу две зла?

Е.

Трета опција?

Мајка ми никогаш не ми понуди моркови. Сите народности во Македонија, сме имале среќа да не мора да избираме меѓу две зла. Македонците можеме да гласаме за некој што не е СДС, што не е ДПМНЕ. Албанците не мораат да гласат за ДУИ. Ромите не мораат да го гласаат Амди Бајрам. Третите опции идат и заминуваат. Денес ја имаме Левица, ГДУ, Интегра, Алијанса на Албанците, БЕСА, итн. Но, тука не е решението.

Решението е кога сами ќе почнеме да си готвиме.

„На волкот му е дебел вратот затоа што сам си ја врши работата“

Да не чекаме некој друг да ни ги решава проблемите.

Не си сам/а кога гледаш ѓубре низ парковите. На социјалните мрежи можеш да најдеш безбројни истомисленици. Напиши им порака. Соберете се, ставете ракавици и соберете го ѓубрето. Кога ќе видите некого кај што фрла ѓубре, викајте му.

Организирајте се за вдомување на кучињата бездомници. Соберете пари за боја и отстранете ги од ѕидовите кукастите крстови и натписите со говор на омраза. Ширете го срамот на несовесно паркираните коли. Ако некој ви се заканува, побарајте поддршка од други, ќе ви ја дадеме. Секогаш ќе ви ја даваме. Сите сакаме да живееме во подобра заедница. Проклет нека е оној, што тоа не го сака. Но, за неа мораме да се бориме. Сѐ што му треба на злото за да успее, е добрите луѓе да стојат и гледаат. Не стој, преземи.

Моркови

Ми требаа петнаесет години да почнам да готвам сам за себе. Не сум повеќе ограничен меѓу марулите и брокулите. Моркови јадам кога ми се јаде моркови. За ова ми требаа 15 години, за да излезам од заблудата дека некој друг ќе ми ги зготви морковите. Цук.

Нашиот народ не е млад, но сѐ уште верува во заблудата дека некој ќе му даде моркови. За да се исправиме, треба да излеземе од заблудата. А тоа започнува со твојот излез од заблудата.

Comments

Popular posts from this blog

За Либертаријанизмот - Астрологија за мажи